„Антево Перо“ за „Музеј на заборавот“ од Сашо Димоски
Жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изразува своето задоволство од одличниот одзив за оваа награда. Оваа година, комисијата имаше навистина тешка задача да направи селекција на поетските писма кои со своите квалитети и одличен израз се издвоија.
Пристигнаа 75 стихозбирки, со најразлична трендовска и жанровска разноликост, од кои во потесен избор за наградата влегоа седум стихозбирки: „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ на Тони Попов, „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков, „Сивка: геометрија на болката“ на Ирена Бабамова Стојчева, „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски „Царски рез на небото“ на Даниела Андоновска Трајковска, книгата „Анатомија на скриена болка“ доставена под шифрата Суштина и поетскиот ракопис „Каде што се раѓаатсенките“ на Агрон Усеини. По темелно разгледување на вредностите на секоја од овие седум стихозбирки и по завршните дискусии на членовите, Комисијата едногласно донесе одлука наградата „Антево Перо“ за 2024 година да ѝ припадне на стихозбирката „Музеј на заборавот“ од Сашо Димоски.
Доживувањето на стварноста кај индивидуите кои имаат изразен сензибилитет условува нивните дела да покажуваат креативност која, ако се мери на некоја скала на интензитет, тогаш би биле на самиот врв. Постоењето на тие дела во времето и просторот создава сопствена реалност и се сместени во духовни музеи во кои вечноста е нивен главен предзнак. Во еден таков музеј, својот живот го живее и поезијата на Сашо Димоски, која токму поради овие квалитети, ја понесува наградата „Антево перо“ за 2024 година. Поетскиот музеј на Димоски, кој е вечен дом на личниот, интимен заборав, е богатство на мигновеноста, на времето минато, сегашно и идно, на времето кое постои и не постои, на љубовта во најесенцијалната суштественост во која се родени, се раѓаат и ќе се родат безброј микрокосмоси (вклучително и сите форми на љубовта за татковината, за татковиот збор и ковчег, за клучот и катенцот, за мајчиниот јазик и болка, како далечно ехо на поетската слика на големиот Анте Поповски), микрокосмоси и љубови од кои е составен човекот. Оваа поезија, покрај тоа што е слика преоблечена во различни стилови и во нив преовладуваат тонови од целиот спектар на бои, таа има и звуковен карактер чиј интензитет се огледува во одличната употреба на парадоксот, оксиморонот, сложените метафори, но и фигурите кои припаѓаат на звучниот код. Со помош на зборовите, Димоски ни презентира визуелност во која гледаме како машкиот и женскиот принцип, темнината и светлината, вистината и заборавот страсно танцуваат танго. Тоа танго некогаш е во духот на аргентинската милонга во која слободата на движењата, незадолжителноста на формата и опуштеноста на рацете и нозете преоѓа во танцовен чекор со различен ритам и
брзина правејќи тоа да биде milonga de amor и да има длабоко треперење при самото танцување. Понекогаш танцот е во духот на либертангото кое ги руши стереотипите и пред нас става нешто ново без притоа да ги заборави традиционалните вредности што од нас ги бара татковината, погледот на мајката или исконскиот оган во домашното огниште.
Комисијата искрено им се заблагодарува на сите учесници на Конкурсот за наградата „Антево перо“ и изразува надеж дека и во иднина ќе продолжи интересот за оваа престижна награда.
Датумот, местото и терминот на официјалното прогласување на победникот на Конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2024 година и врачувањето на сите награди ќе биде дополнително соопштено.