Нова античка драма |
0,00 ден
Short Description :
Линк до книгата: https://kultura.com.mk/kniga/zaspanite-ubavici/
Description :
Во хрестоматијата Нова античка драмае сместеннајголемиот дел од селекцијата на Интернационалниот фестивал на античка драма Стоби 2021. Мотото под кое се одржува фестивалот – нови ритуали – во себе синтетизира продукции, односно театрализации на текстови што се ресемантизации/транскрипции на античкото драмско наследство, од една страна, и се инспирирани од ритуалите и од нивната функција во цивилизациското наследство, од друга страна. Клучот на селекцијата е форматиран според реактуализацијата на ритуалите и нивното контекстуализирање во современите сценско-изведувачки форми, со акцент на формите што се поливалентни според својот modus operandi и со кои се напушта класичниот/стандарден канон на драмската форма.
Оваа книга обединува пет драмски текстови, од кои два се сатирски игри. Приредени по азбучен ред, текстовите се следни:Бакхи, краток преглед на распадот– текст за изведба на истоимената претстава, продукција на Народниот театар од Битола, во режија на Игор Вук Торбица и во драматуршка обработка на режисерот Торбица и драматургот Билјана Крајчевска; монодрамата Исмена, авторски текст на Катерина Момева, праизведен од режисерката Елеонора Теова на сцената на Народниот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Велес; Орестија ¼, авторска адаптација на Билјана Крајчевска, која почива на Есхиловата трагедија Надгробно жртвување, праизведена во режија на Ивица Димитријевиќ, a во продукција на МКЦ Скопје. Двете сатирски игри, Протеј и Силен, се делови од два големи проекти со ист наслов – Орестија.
Првата сатирска игра,Протеј, авторство на Кристијан Винклер, е дел од меѓународниот проект Chorus (дел од овој проект е и текстот Орестија ¼, за што ќе стане збор подолу),а праизведена е од самиот режисер во Театар ам Ленд, Грац, Австрија.
Втората сатирска игра, Силен, е авторство на Катерина Момева, а пишувана е според концептот на режисерот Деан Дамјановски, кој ја праизведува како дел од интегралната постановка на Орестија, копродукција меѓу Народниот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Велес и Националната Опера и Балет, Скопје. Другите три трагедии од ова постановка во режија на Александар Ивановски (Агамемнон), Ненад Витанов (Надгробно жртвување) и Софија Ристевска-Петрушева (Фурии) се редукции на изворниците на Есхил, во кои се изградени интертекстуални врски со други текстови со античка амблемација во чија преработка учествувале и драматурзите Катерина Момева и Билјана Крајчевска.
Покрај насловите во Нова античка драма,годинашната селекција на ИФАД Стоби,според клучот нови ритуали,ги вклучува и адаптацијата на Дервишот и смртта на Дејан Пројковски за неговата режија во продукција на Народно позориште Бања Лука, Република Српска и адаптацијата на Софоклевата Цар Едип во продукција на театарот при НУЦК Ацо Шопов, Штип, во режија на Драгана Милошевска-Попов. Овие текстови не се поместени во хрестоматијата поради строгото придржување до текстот на насловот што се театрализра (Дервишот и смртта,достапен за читателската публика) и поради неможноста да се создаде линеарен и разбирлив текст за изведба во печатена форма за Цар Едип, бидејќи изведбата, во најголема мера, почива на кореографски техники штоза потребите на продукцијата ги извел Игор Киров.
***
Текстот за изведбата на претставата Бакхи, краток преглед на распадот за своја основа ја има Еврипидовата трагедија Бахки врз која се монтирани, преку интертекстуални врски, фрагменти од:Kotirečedasigo, Adame? (М. Келмајер и К. П. Лисман), Шупливи луѓе (Т. С. Елиот)и авторски извори и текстови на режисерот Игор Вук Торбица и драматургија наБилјана Крајчевска. Форматиранa преку технологиите на текстот во постдрамските театарски форми, обликувана е целина од пролог, три делаи интермецо. Целините, насловите, текстуалните единици се следни: Пролог –За луѓето; Прв дел – Денес, идеи; Втор дел – Вечера, Бог; Интермецо–Бајка; Трет дел –Луѓе, Бог, идеи.Метатеатарскиот предзнак, каква што е, всушност, и Еврипидовата трагедија, доминира низ фабулата: таа е текст за театарскиот текст (во широчината на терминот текст), текст за трагедијата, текст за потеклото на трагедијата во наративот на ритуалот како нејзин axis mundi,текст за субверзивната моќ на театарот – од митскиот Дионис до денес.Користејќи ја формулата станување лик, односно – претопување на актерскиот персоналитет во сценски лик, текстот поаѓа од личните имињана актерите, кои (ќе) ги толкуваат ликовите во Еврипидовата трагедија: се отвора семеен собир на кој секој од актерите персонализирано ја игра играта на семејна роденденска прослава во која се откриваат врските меѓу нив, кои потоа ќе станат системи од каузалитети меѓу ликовите во трагедијата, односно премин на актерите во ликови од изведбата, а со тоа прецизно се прикажува и преминот на ритуалот (свеченостите посветени на Дионис) во театарска претстава. Истовремено, ваквото одомаќинување на идентитетот (преку трансферзалата актер/лик) отвора една од централните теми на текстот: што е идентитетот, каков е (во широката смисла на значењето на идентитетските одговори) и дали е можен во неговата конечност – особено потенциран во позицијата на Дионис како туѓинец, дојденец (па дури и, со современа терминологија,мигрант!) во новата средина, во кралството на Пентеј, кој ќе биде обезглавен од сопствената мајка Агава. Сложената семантика на текстот говори за неможноста за разбирање на вистинската природа на појавната стварност, за трагизмот како последица на тоа неразбирање, но и за немоќта да се одреди слободата, слободното битие и волјата, зачаурени во потребата за моќ.Резултатот? Фатален исход во кој идентитетот станува аморфна маса, именка без содржина, неможност за целина.
Исмена на Катерина Момева е монодрама во стих што е директно инспирирана од тебанскиот митски циклус и од трагичните настани во Едиповата генеалогија, форматирани во драмски дискурс во неколку антички трагедиипретходно – Антигона, Цар Едип, Едип на Колон,како и во други (современи) драмски текстови. Поаѓајќи од оваа предисторија/граѓа за фабулата на монодрамата, но и од митската (света) приказна, Момева создава лирски стихуван текст во кој насловната хероина, од позицијата на својот хабитус, придонесуваза колективниот трагизам на потомците на Лај и Јокаста, зачинувајќи го и со љубовната трагика на сопствената moira. Текстот е испишан во монолог што на места прераснува во солилоквиј, обликуван во јазичен израз податлив за музикализација на текстот и негово претворање во сонгови, а од другата страна – во замислени дијалози со духот на Антигона, Менокеј и гласот на Јокаста. Залудноста на жртвата – онаа на двете неми птици од текстот – е главната поента на Момева во овој текст: ако веќе секако страдаме, нашето страдање мора да има возвишена цел, во спротивно, сиот живот станува бесмислица, празнина во времепросторот.
Орестија ¼, како основа на драматуршката решетка ја зема Есхиловата трагедија Надгробно жртвување – средишниот дел на трилогијата Орестија, превод на Даница Чадиковска. Задржувајќи го основниот систем од каузалитети – протераниот Орест се враќа за да го одмази татковото убиство – во договор со сестра си Електра да ја убие својата мајка Клитемнестра и нејзиниот љубовник Егист – Билјана Крајчевска создава текст во два дела (првиот има една сцена, вториот девет),кој е сведен на основните пунктови на трагедијаташто му е појдовна точка. Поаѓајќи од трите густи места на изворникот – враќање/препознавање/убиства –текстот за изведбата на Орестија ¼ се испишува во два типа текст – текст што актерите го говорат во изведбата и текст штокако лингвистички систем се пренесува до публиката, односно се испишува на проекција во претставата. Во оваа насока, видовите текст инкорпорирани во текстот за изведбата имаат две основни типизации. Првата е редукција на Есхиловиот изворник: Крајчевска ја прекроила Есхиловата трагедија Надгробно жртвување изоставувајќи ликови од оригиналот (ликот на Пилад) и употребила интертекстуални врски и со останатите два дела на трилогијата – Агамемнон и Евмениди. Вториот тип текст од кој е создаден текстот за opsis има документаристички својства и произлезен е од работилници што биле дел од процесот на подготовките на претставата, обликувани во авторски текстови на Крајчевска и синтетизирани во конечниот текст, а со целпреобмислување на функцијата/позицијата на хорот преку местото на младите во нашиот политички и културен контекст – цел на The Chorus project за кој ќе стане збор понатаму во предговорот на Орестија ¼.
Во оваа насока, текстот за изведбата на Орестија ¼ги тематизира одликите наевропската демократичност и граѓанството во паритетни позиции произлезени од теоријата на алтеритетот – Центар/Периферија (Ние/Другиот, Европската Унија/Нејзиниот атар, темен вилает), како и инклузивноста на младите во демократските и политички процеси низ истата бинарна призма. Детерминирана како критика на демократијата, оваа предлошка е затворен круг во кој секогаш одново се измислува закон со кој владејачката класа ги заштитува сопствените, лични интереси и преку злоупотреба на демократијата и нејзината онтологија создава свет на потчинетост во кој општото добро е траума што цивилизациски се наследува.
***
Ab origine, сатирската игра била интегрален дел од тетралошкиот формат на трагедијата и се изведувала на крајот, по трите трагедии. Единствената зачувана сатирска игра е Еврипидовиот Киклоп,базирана врз Деветтата песна од Хомеровата Одисеја,а познати се насловите на уште неколку, како што се Сизиф, Теристај, Протеј.Сатирската игра Протеј, на која се потпираат текстовите за претставата Протеј и сатирската игра Силен, сместени во оваа хрестоматија, односно во фестивалската селекција на ИФАД Стоби, е последниот, изгубен дел од Есхиловата Орестија.
Протеј на Кристијан Винклер поаѓа од познатата (зачувана) фабула на Есхиловата сатирска игра во која дејството се случува на пуст остров како паралелно дејство додека Грците ја освојуваат Троја, а ликови се морското божество Протеј и фантомот (илузија, „холограм“) на Елена од Троја. Винклер прави гротескна реконструкција на Есхиловата сатирска игра со цел да претпостави, да даде можно толкување, свое видување за тоа што, всушност, била и каква била сатирската игра според својата функција во тетралогијата, зошто се изведувала на крајот од целината, каква била нејзината жанровска детерминираност и кои биле сатирите воопшто. Од друга страна, а во корелација со воената амблемација на приказната, Винклер монтира хорски и сингуларни партитури што имаат документаристички призвук и што се однесуваат на лични приказни случени во Австрија за време на нејзиното окупирање од страна на Русија на самиот крај од Втората светска војна. Во оваа смисла, покрај толкувањето на сатирската игра и нејзината смисла и контекстуализирањето на функцијата на хорот од антиката, Винклер создава текст што е последица од неможноста да се разбере војната по која, доколку има преживеани, остануваат само траумите и надежта дека светот одново ќе почне со секое ново дете што ќе се роди.
Силен на Катерина Момева, според концептот на Деан Дамјановски за сатирската игра и нејзиното разигрување низ структурата на Орестија,обликуван е во текст од четири слики, насловен од самата авторка како мало либрето. Четирите слики функционираат како пролог, две интермеца и епилог на составните делови на трилогијата Орестија (пролог пред Агамемнон, интермецо пред Надгробно жртвување и Евмениди и епилог по последната трагедија), а текстот е изграден од три типови текст: монолошки партитури, солилоквији и хорски песни наменети за колективни изведби, контрапункти на монопартитурите на сатирот Силен, според кого е именувано ова мало либрето. Текстот има коментарни и критички својства, обете со цел контекстуализација на трагизмот во трите наведени делови на интегралната трилогија за потребите на интегралната изведба на Орестија.Силен е автентична реконструкција на сатирската игра, односно ресемантизација на нејзината форма и значење во трагедијата: вообичаено, според античкиот канон, сатирската игра била изведувана на крајот, по трите трагедии и имала функција да ја разведри публиката, а во овој случај и со ваквата структурна поставеност, тој ефект се постигнува по секоја од трите трагедии во интегралната изведба на Орестија. Наменета за изведба од еден актер, хор и танчари, во сатирската игра Силен, преку сатирот од насловот, на комичен начин Момева го критикува устројството на поредокот, системот на законот (непроменет во корист на владетелот) и зборува за малиот човек и неговата судбина во воени времиња, за колатералните жртви од војните, сфаќајќи ја сета историја на светот како историја на војни.
***
Сумирано, хрестоматијатаНова античка драма, нудејќи приказ на најголемиот дел од селекцијата на ИФАД Стоби 2021, претставува показател за важноста на античкото драмско наследство и неговата вечна (ре)акутелност: моќта за контекстуализација со секое времепростор укажува на универзалната семантика кодирана во текстовите, на податливоста за нови читања, разбирања и толкувања, за нови интерпретации на големите теми, за потребата од нудење нови одговори на истите прашања што милениумски го провоцираат човештвото.
Д-р Сашо Димоски, театролог
Селектор на ИФАД Стоби 2021