Нова античка драма II
0,00 ден
Short Description :
ЛИНК: https://polica.com.mk/kniga/nova-anticka-drama-2
Description :
Хрестоматијата „Нова античка драма II“ е втора книга што Интернационалниот фестивал на античка драма Стоби и издавачката куќа Полица ја објавуваат како заеднички проект.
Во оваа книга, а по примерот на првата, собрани се драмски текстови што ја сочинуваат официјалната фестивалска селекција на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ и кои едновремено претставуваат свежи, нови читања на веќе познатите антички (драмски и епски) наративи, за што зборува и мотото на XIX издание на фестивалот:во нови слики, како modus operandi на селекцијата, но и како ракурс од кој уметнички се промислуваат цивилизациските наследства на античката грчка традиција и се преточуваат во театарски претстави.
Петте текстови во оваа книга, заедно со петте од претходната, создаваат прва двоцифрена датабаза на нови антички драми/митодрами на македонски јазик, сочинети од дела на македонски драмски автори, како и современи автори од Австрија, Португалија, Романија, Србија и Бугарија.
***
Оваа хрестоматија ги обединува: „Антигона“, според Софокле, во драматуршка обработка на Ката Џармати, а поставена во режија на Диего Де Бреа, продукција на „Београдско драмско позориште“, Р. Србија (премиера: 28.5.2022); „Еден Едип“ – современа трагедија базирана на Софоклевиот изворник, авторство на Армандо Насименто Роза, изведена во режисерскиот концепт на Југ Ѓорѓевиќ, продукција на „Народно позориште Ниш“, Р. Србија (премиера: 30.11.2019); „Одисеј“, авторски текст на Александар Секулов, кој за своја појдовна точка ја има Хомеровата „Одисеја“ – инсцениран во претстава режирана од Диана Добрева, продукција на драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“, Пловдив, Р. Бугарија (со учество на „Грчкиот национален театар“, премиера: 27.2.2019); „Пандорината кутија: наследството на ќерката“, авторски текст на Ришард Ниечим, кој ја потпишува и режијата на истоимената претстава, во продукција на „Медиа Артес“, Р. С. Македонија (премиера: 3.11.2021).
Од официјалната фестивалска селекција во оваа хрестоматија не е вклучен само текстот „Ифигенија“ од Еврипид (режија на Зоран Ракочевиќ, продукција на „Корифеј театар“ од Црна Гора) бидејќи станува збор за поставување на оригиналната Еврипидова трагедија, веќе објавена на македонски јазик.
Како „бонус текст“, поради својата оригиналност и блискост до насловот на оваа книга, во оваа хрестоматија е сместена и современата трагедија „Слепа дамка“ од романските автори Космин Станила и Јонут Сочу, пишувана според тебанскиот митски циклус.
***
„Антигона“, текст во драматуршка обработка на Ката Џармати, а во функција на режисерскиот концепт на Диего Де Бреа, поаѓа од Софокле и во најголем дел од текстуалната зафатнина почива на оригиналната трагедија низ која, на принцип на мноштво интертекстуални врски, се гради сложен драмски текст во кој митскиот наратив, како и трагичното драмско наследство е во директна комуникација со нашето времепростор. Главниот „штос“ на оваа обработка е сепарацијата на насловниот лик во два лика (две Антигони што се во постојано разминување, „невидливи“ една за друга) и токму преку оваа драматуршка интервенција се гради автентичниот дијалог меѓу „она време“ (митското време/illo tempore и античкиот контекст на Софокле) и „ова време“ (семантиката на контекстот на сегашното времепростор). Во оваа драматуршка обработка на Софоклевата трагедија, речиси две илјади и петстотини години подоцна, трагизмот на Антигона останува непроменет: се раѓа од судирот меѓу политичката/световна власт и личната етика/духовна вертикала на хероината и сето тоа во рамките на семејството (кралско, бездруго!), без кое, per definitionem, трагедијата е невозможна.
Текстот отпечатен во оваа книга е само еден од типовите текст што функционираат во претставата, односно е сценски текст (говорна партитура на актерот), кој секогаш смета на имагинацијата на гледачот – како и секој тип книжевен текст, впрочем. Оваа лингвистичка партитура во претставата се ткае со сите типови текст што мултимедијалниот ракопис на Де Бреа ги синтетизирал во севкупниот говор на театарската претстава „Антигона“ во својот препознатлив сведен/минималистички ракопис.
„Еден Едип“, пиеса жанровски етикетирана како митодрама, е авторски текст на современиот португалски писател Армандо Насименто Роза – еден од најпоставуваните драмски писатели во својата земја, преведен на неколку јазици и за првпат на македонски во оваа хрестоматија. Во овој текст, авторот ги разобличува познатите карактери од Софоклевата трагедија „Цар Едип“ на автентичен начин: претворајќи ги во битија од задгробното, а со тоа едновремено на безвременото – што ќе рече и на современото, како такво, Роза ја деконструира сложената митска семантика зад Едиповата moira, потенцирајќи ја добро познатата максима – трагедијата секогаш се повторува како фарса. На оваа тенка линија и со прецизната жанровска етикета, а во режисерскиот концепт на Југ Ѓорѓевиќ, драмскиот текст „Еден Едип“ нуди оригинално толкување на трагизмот, но и на характерите што ја овозможуваат неговата комплексност, едновремено коментирајќи ја и катарзата како функција на трагедијата во нејзината изведувачка смисла – што е една од главните постодредници во рецентниот развој на драмата и театарот.
„Пандорината кутија, наследството на ќерката“ е авторски текст на Ришард Ниечим – канадски театарски автор чиј ракопис лесно се детерминира како постдрамски, имајќи ја предвид неговата улога во севкупното градење на театарската претстава. Текстот објавен во оваа хрестоматија лесно се чита и како упатство за создавање претстава и како драмски текст и како режисерски/драматуршки дневник, бидејќи во него се сублимирани сите механизми со кои претставата (треба да) се гради. Посегнувајќи по митот за Пандора и една од најпознатите кутии во историјата, авторот создава современ драмски текст во кој низ два чина прво го конструира (прв чин), а потоа критички го деконструира патријархатот преку „женскиот глас“ (втор чин). Осмислен и реализиран како монодрама/текст за моноперформанс во својата жанровска дефиниција, текстот „ги лоцира“ наследничките/ќерките на Пандора во неколку различни образи, во, како што вели текстот: современите конфликти меѓу наследените патријархални херојски машки начини на перцепција и женските перспективи, со што се развиваат и некои од ефектите врз телото, умот и душата на современата жена.
„Одисеј“ на Александар Секулов, според Хомеровиот еп „Одисеја“, е драмски текст што го следи изворникот: во три чина сместени се епизодите од десетгодишното враќање/лутање на Одисеј на патот кон дома, кон Итака, по завршувањето на десетгодишната Тројанска војна. Текстот, кој премиерно го постави Диана Добрева во нејзиниот автентичен режисерски ракопис и масовна меѓународна копродукција, ги презентира сите метафори зад Хомеровите епски слики, претворајќи ги во предлошка за драмски слики. Оваа постапка го прави текстот на Секулов текстуална предлошка за типот театар што го создава Добрева во претставата, односно текстот се исчитува како потенцијал за сценски слики. Сведен во реплики што сосема го напуштаат хексаметарот како канон, текстот во оваа хрестоматија е сценски текст, само еден од типовите говор што се користат во претставата „Одисеј“. Крајно функционален во намената што ја има, текстот на Секулов ги сведува епските слики на Хомер во јасни, концизни драмски партитури, тукуречи колоквијализирани во нивната лингвистичка смисла (и натаму – поетско моќни), а со тоа – многу поблиски до публиката за разлика од комплексноста на Хомеровата херојска метрика.
„Слепа дамка“ е коавторска оригинална митодрама што има „широко наративно поле“ поради зафатнината на митскиот корпус што го зела за своја рамка. Авторите ја компилираат својата приказна во рамката на тебанскиот митски циклус и овој patchwork го „шијат“ од Антигона, Цар Едип и Бахки, користејќи се со постојано мешање на епизодите од наведените наслови во нов сценослед, нудејќи оригинална монтажа изведена преку ретроспективи што ја „шијат“, сега и овде, драмската ситуација и ги објаснуваат хибрисот и телемахијата. И сето тоа го носат во сегашноста, за да го завршат сосема јавно, „пред камери и новинари“. Сеќавање во сегашниот миг или митот како вечна сегашност се возможни теориски рамки за оваа митодрама што уште еднаш ја докажува безнадежноста на нашиот контекст преку фаталноста на тематизираната, густа и сложена митографема.
***
Новите прочити на античките теми само го потврдуваат фактот дека митовите во себе кодираат универзални, генерички темати/прашања/проблеми/провокации што комуницираат со секое времепростор. Го потврдуваат и оној дека сите големи прашања што милениумски го измачуваат човештвото се фрлени како ракавици уште на почетоците од кои ние денес и натаму создаваме театар и уметност генерално: ракавиците на античките текстови (во широчината на зборот текст) и предизвикот за нивното читање, разбирање и толкување.
И себеразбирање, можеби.
Д-р Сашо Димоски, театролог
Селектор на XIX ИФАД Стоби