Нова античка драма III
0,00 ден
Short Description :
Description :
Хрестоматијата Нова античка драма III е трета по ред соработка меѓу Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ и издавачката куќа „Полица“. Во оваа книга, а по примерот на првите две, обединети се три современи драмски текстови инспирирани од античкото драмско наследство и тие се изведени во рамките на официјалната селекција на јубилејното, дваесеттото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, одржан под мотото Нови манифести, од 2.10.2013 г. до 12.10.2023 г.
Трите текстови во оваа книга, заедно со претходно објавените десет, ја чинат најголемата македонска пишана датабаза на нови антички драми/митодрами, сочинета од дела на македонски драмски автори, како и современи автори од Австрија, Португалија, Романија, Србија и од Бугарија.
Оваа хрестоматија ги обединува текстовите: „Бакхи: Агава“, текст на современата српска авторка Тамара Барачков, според Еврипидовата трагедија „Бакхи“, со користени/цитирани текстови на Еврипид; „Жени во собрание“, според Аристофановата комедија „Жени во народното собрание“, авторски текст на Билјана Крајчевска и актерската екипа на претставата со користени текстови од Аристофан, Платон и современи драмски и некнижевни наративи. Третиот текст во хрестоматијата носи наслов „Мy name is Medeja“, по мотиви на Еврипидовата традедија „Медеја“, авторски текст на Милан Рамшак Марковиќ.
* * *
„Бакхи: Агава“ како своја основа ја има Еврипидовата трагедија „Бакхи“. Пишувајќи врз Еврипид како матрица, современата српска авторка Тамара Барачков создава нова, автентична трагедија што е изместена од митскиот времепростор и е сместена во современиот контекст. Оваа редунданца изведена во тријадата Агава-Пентеј-Дионис агира низ неколку медиуми во претставата, изнесувајќи го митскиот трагизам во профан образ. Сведена во однос на изворникот и контекстуализирана во современите парадигми на драмскиот текст, оваа пиеса/трагедија нуди свежа оптика кон митот и кон античката трагедија. Праизведбата на текстот, во режија на Нина Николиќ, е во Македонскиот народен театар, како копродукција меѓу националната куќа, продукцијата „Перипетија“, и театарот од Јанина, Р. Грција.
„Жени во собрание“ е текстот на претставата настанат од процесот меѓу актерите на Театар Комедија, Скопје, режисерот Ќендрим Ријани и драматургот Билјана Крајчевска – која го потпишува текстот на претставата. Станува збор за современа рециклажа на Аристофановата комедија „Жени во народното собрание“, која е метатеатарски зададена во текстот за изведбата. Овој текст нуди една инаква визура кон вечната тема со која се занимава и изворникот – позицијата на жената во власта и последната борба на човештвото – онаа меѓу мажите и жените.
„My name is Medeja“ е авторски текст на современиот српски драматург Милан Рамшак Марковиќ, дел од двоецот Хорват/Марковиќ, кои заедно ја потпишуваат истоимената претстава во Народниот театар, Битола. Оваа современа пиеса (трагичка според античкиот код што го поседува) во својата суштина е социјално ангажиран драмски текст што се случува денес и овде, пред нашите очи, постилајќи ни ја митската семантика во препознатлив образ.
Современите читања на античкото наследство ја потврдуваат сопствената важност: вистините што во нив се кодирани, потенцијалите за театар што ги носат и густината на значењето со кои се карактеризираат – секогаш ќе бидат нераскинлив дел од театарската современост на секое просторвреме. И секогаш ќе ја поседуваат моќта за да испишат нови манифести.
Д-р Сашо Димоски, театролог
Селектор на XX ИФАД „Стоби“